Терминот Netizen (Net Citizen) е варијанта од англискиот Citizen . На македонски јазик овие два поима би се превеле граѓанин и мрежанин (Граѓанин на Мрежата). Етимолошки граѓанин доаѓа од именката град, а мрежанин е искован од именката мрежа која во овој случај ја означува интернет мрежата. Во „The Daily News Usenet” зборот мрежанин е дефиниран, во манир на манифест, на следниов начин:

„Добредојдовте во 21 век. Ти си мрежанин и постоиш како граѓанин на светот благодарение на глобалната конективност која ти ја дава мрежата. Физички ти живееш во една земја, но контактираш со поголемиот дел од светот преку глобалната компјутерска мрежа. Виртуелно ти живееш „врата до врата” со секој друг мрежанин во светот. Географската одделеност е заменета со постоењето во единствен виртуелен простор…Сведоци сме на ревитализација на општеството. Рамките се редизајнирани. Нов, подемократски свет станува возможен. Според еден корисник мрежата „ми го зголеми квалитетот на живот.” Мрежата отвора нова шанса за живот на луѓето. Социјалните врски кои порано не беа возможни сега се се` попристапни. Информациите, а со нив и луѓето стануваат живи.” (Leigh Star, 2009)

Овој краток манифест цитиран погоре ги имплицира поголемиот дел од замките во кои се фаќаат восхитувачките предвидувања, прогнози и дефиниции на нет-утопистите. Замисленото граѓанство, или подобро жителство во кибер просторот е почетна точка во разбирањето и дефинирањето на мрежанинот. Мрежанинот своето жителство го искусува низ споделување на простор за комуникација со виртуелните други. Социјалните врски и комуникациите се олеснети. Но дали е тоа навистина подемократски свет? Бидувањето мрежанин подразбира поседување лозинка. Еден од често занемаруваните аспекти на постоењето во мрежата е токму пристапот. Кој има пристап до виртуелниот свет? Кои се оние кои ја имаат или немаат можноста од поседување на модем, интернет конекција, компјутер и останати „скапи играчки”? Кои се оние кои умеат да ракуваат со овие машини и апарати? И покрај вистинитоста во тврдењата за отвореноста на компјутерски посредуваниот свет, остануваат занемарени пречките за пристапност диктирани од таканаречениот реален свет. Глобалното село понуди свет без визни режими и граници, забрзана и лесна мобилност без пасоши и скапи авионски карти, свет во кој не важат физичките закони, свет без гравитација. Но глобалното село сепак понуди свет со лозинки, свет со услови за пристап.

Но, да се задржиме на оние граѓани кои се во можност да станат и се мрежанини. Она што следно ни се врамува како едно од најважните прашања со кои ќе се занимава овој текст е прашањето за заедништвото. Тргнувајќи од претпоствката која суптилно ја заговара и Бенедикт Андерсон дека секоја заедница е замислена ни останува предизвикот да го истражиме големиот емотивен влог депониран во овие замислени заедници. Андерсон предупредува на можната замка во која може да се западне доколку се каже дека национализмот е лажна заедница имплицирајќи притоа можност или веројатност за некакви „вистински” заедници отаде нацијата. Она што го прави Андерсон навистина заводлив за читање во контекст на виртуелните  заедници е неговото фокусирање не на наводната лажност или автентичност на заедниците туку на стилот и начините на кои тие се замислени.

Инвестирањето во виртуелните заедници и славењето на олеснетото заедништво во кибер просторот доаѓа паралелно со опаѓањето на значењата на географските заедници, па и заедниците воопшто. Можеме ли да го замислиме ефектот на зголемената мобилност, миграцијата, туризмот врз доживувањата и сфаќањата на географските заедници? Да го додадеме на ова и ефектот на масовната медиумска и конзумерска култура врз црвстите, традиционални форми на заедници и ќе можеме барем приближно да го детектираме губењето или промената на значењата и вредностите кои заедниците од реалниот свет ги имплицираат. David Holmes укажувајќи на ова виртуелно инвестирање во загубеното реално заедништво вели дека „апстрактните заедници коинцидираат со процесите на глобализиција и мобилност кои ги овозможуваат време-простор изменувачките технологии”. (Holmes, 2009) Holmes се интересира за екстензивните форми на социјалното и нивното влијание врз традиционалните форми на поврзување, заедништво. Тргнувајќи од електронските медиуми како форма на социјална интеграција па се` до интернетот Holmes зборува за човековите поврзувања и релации кои постепено стануваат се` поапстрактни. Климаксот овие апстрактни релации го доживуваат во виртуелните заедници.

Овие нови форми на социјални интеракции  иако конструираат свои сопствени реалности, сепак не би требало да ги дефинираме и разгледуваме како себе-содржателни, себе-референтни, како што сугерира Holmes. Не смееме да заборавиме дека партиципирањето во компјутерски посредуваните светови не е чин апсолутно одделен од познатите социјални практики на реалниот свет. Виртуелниот идентитет иако флуден состав од идентификации секогаш се конструира одново во време и простор, но низ веќе познати стратегии. Со право Вајлдинг предупредува дека е од особена важност „препознавањето на новиот медиум кој функционира внатре во општествената рамка која добро ги познава извежбаните практики, всаден во економската, политичка и културна околина.” Или забелешката на Marc Smith дека „и покрај уникатните квалитети на социјалните простори во виртуелниот свет луѓето не влегуваат во овие нови терени „со празни раце”. Ние носиме со нас збир од нашето искуство и очекувања генерирани од нам попознатите социјални  простори.”

Оттука не е страшно ниту непожелно во проучувањето на новите форми на заедништво да се зборува со јазикот на реалните заедници. Секако нужно е земањето предвид на новиот и различен контекст во кои се формираат овие заедници и новите начини на себе-репрезентирање, препознавање и припадност кои ги диктираат новите комуникациски технологии. Сепак, во овој текст ќе се обидам да ги покажам познатите и стари начини на замислување на заедништвото кои се пресликуваат во конструирањето на себството во заедницата лоцирана на она место кое го нарекуваме кибер простор.

Конструирањето на себството во заедница подразбира како што вели Michele Willson „искусување на себеси во релација”. Токму ова толку значајно заедништво е почетната точка во славењето на виртуелните заедници. Не ли се мисли на ова ревитализирање на заедницата во делот за ревитализација на општетсвото од  цитираниот манифест? Авторите на пофалните слова за виртуелните заедници во овие форми гледаат подемократски, помалку исклучувачки заедници. Но сепак, истите во виртуелните заедници не гледаат ништо друго освен екстензија на реалната заедница. Прославувањето на вака сфатените  виртуелните заедници истовремено ги занемарува битните карактеристики на човечката интеракција овозможена од компјутерските технологии како и специфичноста на контекстот во кој се одвиваат овие политики на припадност, социјални динамики и стратегии на репрезентација и препознавање нужни во конструкцијата на виртуелните како и други заедници.  Мораме да се дистанцираме од буквалното пресликување на заедниците од реалноста во дефинирањето на виртуелните, а истовремено да внимаваме на замката од сфаќањето на овие кибер заедници како ослободени од сите врски со истите од реалноста. И секако секогаш да ја имаме на ум проблематичноста на терминот „реални заедници”. И заедниците од реалноста, односно заедниците кои не се компјутерски посредувани се исто така замислени, повеќе или помалку апстрактни и виртуелни.

Па која е тогаш разликата помеѓу цврстите, традиционални форми на заедници и виртуелните? Holmes ги дефинира  заедниците кои се создадени во кибер просторот како заедници кои се базирани на интерес. Виртуелните заедници подразбираат партиципирање поради специфични заеднички интереси, односно свесно избирање поради интерес во кои од многуте виртуелни заедници ќе се партиципира. Замислената заедница на нацијата, семејството и слично на пример подразбираат однапред зададена припадност по крв, гени и заедничко минато, потекло. Емотивниот влог е овде зголемен, наспроти прагматичниот во виртуелните заедници. Веројатно затоа звучи попознато „да се умре за татковината” отколку „да се умре за facebook на пример”.

Другите разлики се исцрпуваат во специфичноста на новите терени. Компјутерски посредуваните светови се измолкнуваат на секој обид за класична картографија, мапирање или попис. Виртуелните заедници се сочинети од растелотворени субјекти кои можат да се поседуваат виртуелен документ за идентификација кој е невалиден по однос на параметрите на кои инсистира реалната лична карта или пасош на пример. Виртуелната заедница е искусено текстуално заедништво помеѓу “невидливи” субјекти. Не попусто Holmes вели: „Екстензивните комуникациски технологии и агенси не можат да се проучуваат како инструменти кои служат на претходно зададените тела или заедници, наместо тоа тие се контексти кои воведуваат нови начини на бидувањето, нови вериги на вредности и нови сензибилитети за времето и случувањата во културата.”

One Response to “Виртуелно заедништво”

  1. Zlatev Says:

    Фантастичен текст!
    го прочитав многу подоцна од што е напшишан но супер е :-)
    Поздрав!

Leave a Reply